Новости

Донаторска кампања во Струмица

По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, на 03 декември 2022 година во Струмица беше организиран хуманитарен настан за собирање средства од Центарот за истражување и анализа НОВУС во соработка со Здружението на лица со телесен инвалидитет МОБИЛНОСТ Струмица, Здружението на лица со интелектуална попреченост ПОРАКА, Етно ресторан „Кај Виктор“, Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Струмица, уметничката Роза Мојсовска и други поединци како дел од настанот на кој ги претставија своите рачни дела.

Донаторската кампања се одвиваше во три фази – работилница за ракотворби, изложбен базар и хуманитарна акција со кутии за донации поставени за собирање на придонесите за помош на лицата со посебни потреби. На отворањето на настанот пред публиката беше претставена дигиталната платформа на ПИЗ како crowdfunding алатка. Дополнително беше претставена и проектната иницијатива од струмичкиот регион „Сите сме исти, сите заслужуваме радост“ со апел да се поддржи оваа иницијатива преку поставување на прилози електронски на www.cip.mk.

Настанот го посетија над 200 граѓани. Пет невработени самохрани мајки кои произведуваат рачни творби покажаа интерес за начините на кој Платформата за инвестиции во заедницата може да ја поддржи нивната работа. Средствата собрани на овој настан достигнаа сума од 20.000 МКД. Придонесите беа доделени на организациите на лицата со посебни потреби. Настанот беше заокружен со поетски рецитал изведен од лица со попреченост кои ги претставуваат организациите-учеснички кој предизвикаа длабоки емоции кај публиката.